Повеќе од една третина од работните места во јавниот сектор во целиот свет би можеле да бидат загрозени поради развојот на вештачката интелигенција, според студија објавена денес од консултантската компанија „Роланд Бергер“. Анализата, спроведена врз основа на класификацијата на Меѓународната организација на трудот и 450 занимања во јавниот сектор, вклучувала вкупно 351 милион работни места.
Резултатите покажуваат дека 36 проценти од вработените во светот би можеле да доживеат длабоки промени поради примената на технологиите за вештачка интелигенција, што ќе влијае на 125 милиони работни места со полно работно време.
Во документот се наведува дека 22 процента од работните места би можеле да се надградат, што значи дека вештачката интелигенција би презела одредени задачи, а вработените би добиле нови функции, пренесува „Танјуг“.
Ова особено се однесува на администрацијата, јавните финансии и на образованието.
Се додава дека, на пример, царинските или даночните службеници би можеле да ја подобрат својата работа со помош на вештачката интелигенција, како и вработените во здравствениот сектор.
Спротивно на тоа, приближно 7,5 проценти од работните места во јавниот сектор би можеле да бидат целосно автоматизирани, а најранливи се вработените во администрацијата или вработените во кол-центрите, каде што задачите се поедноставни и полесни за замена со вештачка интелигенција, објавува францускиот Bfmtv.
„Потребна е сериозна работа на професионална преквалификација со цел да се пренасочат работниците кон работни места што бараат поголема интеракција со луѓето“, изјави авторот на студијата, Ален Шено.
Фото: принтскрин
Текстот Повеќе од една третина од работните места во јавниот сектор се загрозени од развојот на вештачката интелигенција, според најновите студии е превземен од МАКФАКС.