Поради војната во Иран загрозени цените на храната

Поради војната во Иран загрозени цените на храната

пред 3 часа

Земјоделците ширум светот веќе го чувствуваат притисокот од војната во Иран, која предизвика глобален недостиг на ѓубрива и може да влијае на цените на храната, велат земјоделските експерти.

Заменик-извршниот директор на Светската програма за храна, Карл Скау, изјави дека најсиромашните земјоделци во северната хемисфера се потпираат на увоз на ѓубрива од Персискиот Залив и дека недостигот се појавил токму кога започнува сезоната на садење, објавува британскиот Телеграф.

„Во најлош случај, ова значи пониски приноси и колапс (цена) на земјоделските култури за следната сезона. Во најдобар случај, повисоките инвестициски трошоци ќе бидат вклучени во цените на храната за следната година“, рече Скау.

Економистот за прехранбени системи на Универзитетот во Тексас, Раџ Пател, рече дека некои земји веќе се соочуваат со критичен недостиг.

„На пример, Етиопија добива повеќе од 90 проценти од своето азотно ѓубриво од Персискиот Залив преку Џибути, пат за снабдување кој беше преоптоварен дури и пред почетокот на војната во февруари. Сезоната на садење е сега, ѓубривото го нема“, рече Пател.

Цените на ѓубривата се под врвовите забележани по руската инвазија на Украина, но цените на житото беа повисоки во тоа време, што им помогна на земјоделците да ги апсорбираат трошоците, рече Џозеф Глаубер од Меѓународниот институт за истражување на прехранбената политика, пренесува Танјуг.

Нарушувањето на снабдувањето со ѓубрива веќе се чувствува низ цела Африка, каде што многу земјоделци се потпираат на ѓубриво увезено од Блискиот Исток и Русија, а Индија веќе субвенционира ѓубриво за да го олесни финансискиот товар врз земјоделците.

Недостатокот на ѓубрива дополнително ја загрозува егзистенцијата на земјоделците во земјите во развој, кои веќе се погодени од зголемувањето на температурите и нестабилните временски системи, и може да доведе до тоа луѓето ширум светот да плаќаат повеќе за храна.

 

Текстот Поради војната во Иран загрозени цените на храната е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top