Почина командантот на „Аполо 8“

Почина командантот на „Аполо 8“

пред 1 година

Американскиот астронаут, Френк Борман, кој беше командант на мисијата „Аполо 8“, почина на 95-годишна возраст, соопшти американската вселенска агенција НАСА. Борман почина во вторникот во Билингс, Монтана, САД, објави НАСА.

„Денес, се сеќаваме на еден од најголемите луѓе на НАСА. Астронаутот Френк Борман беше вистински американски херој“, изјави првиот човек на НАСА, Бил Нелсон.

Како командант на „Аполо 8“, Борман, ја водеше првата мисија со екипаж околу Месечината во 1968 година и го отвори патот за слетување на Месечината неколку месеци подоцна.

Роден во американската сојузна држава Индијана, Борман разви страст за авиони на 15-годишна возраст, што на крајот го доведе во воздухопловните сили, а подоцна и во НАСА. Од 1950 година наваму бил борбен пилот, а подоцна и доцент по термодинамика на Воената академија „Вест Поинт“ во државата Њујорк.

Во 1967 година тој беше член на истражниот одбор што го истражуваше пожарот во вселенското летало „Аполо“, во кој загинаа тројца астронаути. Подоцна беше именуван за шеф на програмата „Аполо“ и го предводеше тимот што го редизајнира вселенското летало „Аполо“.

По пензионирањето од воздухопловните сили во 1970 година, Борман стана консултант за Eastern Airlines пред да заземе разни високи позиции таму, вклучувајќи ја и позицијата претседател. Борман служеше и како специјален претседателски амбасадор на патувања на Далечниот Исток и во Европа.

Борман има добиено многубројни награди вклучувајќи го и Конгресниот вселенски медал на честа. Во 1990 година тој беше примен во Меѓународната вселенска куќа на славните, а во 1993 година во Куќата на славните на американскиот астронаут. Беше оженет и имаше два сина и четири внуци.

Текстот Почина командантот на „Аполо 8“ е превземен од МАКФАКС.