Појасот Газа остана без тестови за коронавирус, по што од меѓународните организации се бара да помогнат во зголемувањето на нивните залихи, изјави директорот на централната лабораторија во палестинската крајбрежна енклава.
„Не добивме никаков тест-материјал во последните четири дена“, изјави директорот на лабораторијата, Амид Муштаха.
Тоа е единствената лабораторија на палестинската територија што може да изврши тестови за коронавирус.Тој додаде дека Министерството за здравство во Газа побарало од Светската здравствена организација (СЗО), Обединетите нации и палестинските власти веднаш да испратат медицинска помош во Газа.
Советник во Министерството за здравство во Газа изјави дека СЗО се согласила да испорача 5.000 тестови. Палестинските власти, кои управуваат со друга палестинска територија на Западниот Брег, сепак, страдаат од недостиг на тестови, и исто така се обратија за помош на СЗО.
Министерството за здравство во Појасот Газа, под администрација на Хамас, во последните 24 часа евидентира 10 смртни случаи и 471 нов случај, но бројот на извршени тестови е многу помал од вообичаеното.
Бројот на заразени неодамна се зголеми во Газа, каде два милиони луѓе живеат во мизерни услови со трошна инфраструктура. Агенцијата на ООН за помош на палестинските бегалци, УНРВА, предупреди дека крајбрежниот здравствен систем на територијата може да пропадне доколку бројот на заразени продолжи да се зголемува.
Во меѓувреме, на Западниот Брег, премиерот на палестинските власти Мохамад Штајех најави седумдневен локдаун во Витлеем, Хеброн, Наблус и Тулкарм. Министерството за здравство на палестинските власти извести за 1.249 нови случаи на Ковид-19 во изминатите 24 часа на Западниот Брег, со десетина мртви.
Се очекува палестинските власти да добијат вакцини за Ковид-19 од системот Ковакс за дистрибуција на вакцини. Газа ќе добие голем број од овие вакцини, но сè уште не е познато кога ќе ги добие, пренесува ДПА.