Стјуард во Виетнам, осуден за ширење на коронавирус, заразил најмалку три лица

пред 3 години

Судот во Виетнам го осуди стјуардот на „Виетнам ерлајнс“ на двегодишна условна затворска казна за кршење на карантинските правила и мерки против ширењето на Ковид-19.

Дуонг Тан Хау (29) е осуден за „ширење опасни заразни болести“, се вели во соопштението на виетнамското Министерство за јавна безбедност.

Хау ја прекршил 14-дневната регулатива за карантин откако се вратил од Јапонија во ноември, а потоа се состанал со други 46 лица, се вели во обвинението.

За времето кога требало да биде во карантин, Хау посетил кафулиња, ресторани и присуствувал на часови по англиски јазик, пренесуваат светските агенции.

По тестирањето на 28 ноември, тој покажал дека е заразен со коронавирус, властите морале да тестираат и да стават во самоизолација или карантин околу 2.000 луѓе.

Државните медиуми објавија дека тој заразил најмалку три лица.

Виетнам досега се покажа како доста успешен во борбата против пандемијата преку масовно тестирање и строги централизирани карантини.

Досега, во земјата се пријавени помалку од 2.600 заразени со коронавирус и само 35 смртни случаи поврзани со Ковида-19.

Во декември, шефот на Ханој центарот за контрола и превенција на болести беше осуден во Виетнам на 10 години затвор откако беше прогласен за виновен за неправилности во набавката на заштитната опрема.

Share
Scroll to Top