Европската унија треба да соработува исклучиво со партнери во кои има голема доверба при развојот на микрочипови за вештачка интелигенција, изјави европската комесарка за технологија. Оваа изјава доаѓа неколку дена откако изби шпионски скандал во „Nvidia“, водечката светска компанија за чипови, пишува „Политико“ (Politico).
Хена Виркунен, извршна потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, зборуваше за ова во интервју на технолошката конференција „Web Summit“ во Лисабон. Нејзиниот коментар беше одговор на прашањето за зависноста на Европа од „Nvidia“.
„Кога зборуваме за критични технологии, како што се полупроводниците за вештачка интелигенција, квантните технологии, сајбер-безбедноста и сателитите, исклучително е важно тесно да соработуваме само со партнери во кои имаме целосна доверба“, рече Виркунен.
Ова беше нејзино прво јавно појавување откако „Nvidia“ започна внатрешна истрага за тоа дали нејзиниот извршен директор, Џенсен Хуанг, бил цел на кинеска разузнавачка операција. Хуанг го призна случајот откако во медиумите се појавија информации за негова врска со директорката на сингапурската компанија за податочни центри „Мегаспид“ (Megaspeed). Владата на САД ја смета неа за кинески шпион.
Виркунен не даде директен коментар за тоа дали ја смета „Nvidia“ за помалку доверлива по скандалот. На прашањето кого го смета за доверлив партнер, таа ги посочи Соединетите Американски Држави како традиционално најблискиот партнер на ЕУ во однос на безбедноста и технологијата.
Овој одговор укажува на тоа дека Унијата има намера да се потпре на соработка при решавањето на безбедносните пропусти, наместо јавно да ја прозива американската страна. Комесарката нагласи дека во одредени технолошки области е од клучно значење да се спречи протекување на такви технологии.
„Навистина сакаме деловните тајни да останат во Европа“, рече таа.
Европа во голема мера се потпира на чиповите на „Nvidia“, бидејќи има многу ограничени сопствени капацитети за дизајнирање и производство на чипови за вештачка интелигенција. Европската унија се обидува да го реши тој проблем преку индустриска политика за зајакнување на производството, позната како Европски закон за чипови.
„Точно е дека Европа во моментов е многу зависна од неколку американски компании кога станува збор за чипови за вештачка интелигенција. Токму затоа е важно во наредните години да изградиме сопствени капацитети, за да можеме да дизајнираме и произведуваме понапредни чипови, вклучително и такви наменети за вештачка интелигенција“, изјави Виркунен.
Текстот По скандалот во „Nvidia“, ЕУ сака да произведува сопствени чипови за вештачка интелигенција е превземен од МАКФАКС.





