По 42 години затвор ослободен невин човек

пред 3 години

Кевин Стрикленд, Афроамериканец од американската сојузна држава Мисури, кој беше погрешно осуден за тројно убиство во 1978 година, беше ослободен по повеќе од 42 години затвор.

62-годишниот Стрикленд не престанува да ја негира вината откако беше уапсен на 18-годишна возраст и осуден во јуни 1979 година.

Тоа е најдолгиот период што невин човек го поминал во затвор во историјата на Мисури, но според законот на таа држава, тешко дека Стрикленд ќе добие финансиска отштета, пренесува Би-Би-Си.

Според податоците на Националниот регистар на лица ослободени од вина, ова е седмото најдолго затворање на погрешно осудено лице во САД.

Судот нареди итно ослободување на Стрикленд, кој беше осуден на доживотен затвор без можност за условно ослободување за тројно убиство за време на грабеж на куќа во Канзас Сити на 25 април 1978 година.

Судијата Џејмс Велш наведува дека никаков материјален доказ не го поврзува со кривично дело и дека е осуден исклучиво врз основа на изјава, пренесуваат агенциите.

Share
Scroll to Top