Претседателот на Бразил: Трамп нема право да станува наутро и да се заканува на некоја земја

Претседателот на Бразил: Трамп нема право да станува наутро и да се заканува на некоја земја

пред 3 часа

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, го критикуваше својот американски колега Доналд Трамп велејќи дека тој „нема право“ да се заканува на други земји, објави АФП.

Коментарите на Лула дојдоа откако Трамп овој месец предупреди дека „целата цивилизација ќе умре“ во Иран ако Техеран не го отвори Ормускиот теснец.

„Трамп нема право да станува наутро и да се заканува на земја“, изјави бразилскиот лидер за шпанскиот весник „Ел Паис“, истакнувајќи дека според американскиот устав претседателот ја дели одговорноста за војната и надворешната политика со Конгресот.

„Клучно е моќните лидери да преземат поголема одговорност за одржување на мирот“, додаде тој.

Левичарскиот претседател на Бразил и неговиот 79-годишен американски колега, десничарски популист, се судираат по низа прашања, вклучувајќи го мултилатерализмот, меѓународната трговија и борбата против климатските промени, објави АФП. Односите меѓу Бразил и Вашингтон остануваат затегнати и покрај средбата меѓу двајцата претседатели минатата година, што доведе до мало ублажување на тензиите и намалување на царините.

Лула го повтори својот повик за реформа на Советот за безбедност на Обединетите нации, вклучително и укинување на правото на вето на петте постојани членки на телото и вклучување на повеќе земји од Африка и Латинска Америка.

„Време е да се редефинираат Обединетите нации за да им се даде кредибилитет“, рече Лула, осврнувајќи се на критиките на американскиот претседател дека меѓународниот систем воспоставен по Втората светска војна повеќе не функционира. Лула разговараше со „Ел Паис“ пред неговата посета на Шпанија, каде што ќе се сретне со шпанскиот премиер Педро Санчез и ќе учествува на форум на прогресивни лидери.

Други учесници што се очекуваат на состанокот во сабота во Барселона се мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум и нејзиниот колега од Јужна Африка, Сирил Рамафоса.

Текстот Претседателот на Бразил: Трамп нема право да станува наутро и да се заканува на некоја земја е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top