Путин: Западните воени сили распоредени во Украина ќе се сметаат за легитимни цели

Путин: Западните воени сили распоредени во Украина ќе се сметаат за легитимни цели

пред 2 недели

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека западните воени сили распоредени во Украина ќе се сметаат за легитимни цели на руските напади.

„Ако некои војници се појават таму, особено сега за време на воените операции, ние тргнуваме од фактот дека тие ќе бидат легитимни цели за уништување“, рече Путин на економски форум во Владивосток.

„И ако се донесат одлуки што водат кон мир, долгорочен мир, тогаш едноставно не гледам никаква смисла во нивното присуство на територијата на Украина, точка“, додаде рускиот претседател, кој ја почна инвазијата на Украина во 2022 година.

Коментарите на Путин дојдоа еден ден откога францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека 26 земји ветиле дека ќе обезбедат повоени безбедносни гаранции за Украина вклучувајќи меѓународни сили на копно, на море и во воздух.

„Како форма на зајакнување на мирот, 26 земји ветија дека ќе распоредат трупи во Украина, каде што ќе бидат присутни на копно, на море или во воздух“, изјави Макрон пред новинарите стоејќи до украинскиот претседател Володимир Зеленски во Елисејската палата во Париз.

Францускиот претседател не кажа кои земји ги понудиле своите воени сили, но се знае дека Франција и Велика Британија се меѓу нив.

„Странските воени контингенти не може да обезбедат безбедносни гаранции за Украина и треба да се заврши многу работа пред состанокот на високо или највисоко ниво меѓу Москва и Киев за решавање на конфликтот во Украина“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинската агенција РИА во петокот.

„Германија е подготвена да ги зголеми своите трошоци за обука и вооружување на украинските сили, но ќе одлучи за понатамошни воени обврски, како што е испраќање трупи, само кога условите за мир ќе бидат појасно дефинирани“, објави портпаролот на владата, а Италија и Полска јасно ставија до знаење дека нема да ги испратат своите трупи во Украина.

Хрватска е членка на Коалицијата на волјата, која обединува триесетина земји, претежно европски, како и Канада и Австралија, но премиерот Андреј Пленковиќ неодамна изјави дека хрватските војници нема да одат во Украина и дека тоа никогаш не било на маса.

Фото: ЕПА

Текстот Путин: Западните воени сили распоредени во Украина ќе се сметаат за легитимни цели е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top