Албанскиот премиер Еди Рама коментира дека обединувањето со Косово е поверојатно ако останат без членство во Европската Унија (ЕУ), отколку по пристапувањето.
Рама во интервју за германскиот весник „Меркур“ коментира дека евентуалните конфликти на Западен Балкан ќе завршат доколку земјите од регионот се приклучат на ЕУ.
„Неодамнешните тензии во северно Косово не можат да се споредат со тензиите од минатото. Всушност, денес поранешните противници сакаат заедно да влезат во ЕУ. Воените конфликти настануваат кога земјите се изолирани, а не во заедница. Се сеќавате на позитивните случувања што ги донесоа француско-германските односи? Или случајот со Ирска. Ризикот ЕУ да внесе конфликт во нивните домови е речиси нула. Обединување со Косово? Ваквите ментални игри се многу поверојатни надвор од ЕУ отколку внатре во неа“, додаде Рама.
Според албанскиот премиер, ЕУ има потреба од Балканот поради сопствената безбедност, алудирајќи на потенцијалното влијание на Русија и Кина.