Русија: Ако „Северен тек 2“ не проработи ќе најдеме други купувачи за гасот

пред 3 години

Под претпоставка гасоводот „Северен тек 2“ да не биде пуштен во употреба, Русија ќе најде други купувачи за гасот, изјави за РИА Новости постојаниот претставник на Русија во Европската унија, Владимир Чижов.

Американскиот претседател, Џо Бајден, се закани дека „Северен тек 2“, кој веќе е поставен на дното на Балтичкото Море, но уште не е пуштен во употреба, нема да биде во случај на ескалација на ситуацијата околу Украина.

Одговарајќи на таа изјава, Чижов рече дека стартувањето на „Северен тек 2“ потребно им е првенствено на европските потрошувачи, а не толку на Русија.

„Ќе најдеме каде и како да го продаваме гасот, ако хипотетички замислиме дека нема да има ‘Северен тек 2’“, рече Чижов.

Претходно тој изјави дека Русија, односно „Гаспром“ не е обврзана да го зголемува извозот на гас во Европската унија. Истакна дека Русија веќе испорачува дополнителни количества, иако не на ниво кое го посакува Брисел.

„Северен тек 2“ е извозен гасовод со капацитет од 55 милијарди кубни метри годишно од Русија до Европа. Поставувањето на цевките е завршено, но гасоводот не може да работи без сертификација, која е стопирана.

Кога германскиот регулатор ќе донесе нацрт-одлука за сертификација, ќе биде потребно мислење од Европската комисија, која има намера да донесе заклучок по консултации со Украина.

Во меѓувреме, цените на гасот на европскиот пазар се зголемија многукратно во однос на минатото лето. Властите во европските земји постојано ја обвинуваат Русија дека предизвикува енергетска криза. Русите, од друга страна, велат дека му понудиле на Брисел продолжување на соработката во форма на долгорочни договори, но Европската комисија инсистирала на пазарните цени, што довело до криза.

 

Share
Scroll to Top