Во Минхен почна големата конференција на светските лидери, Русија не учествува

пред 2 години

Конференцијата за безбедност во Минхен почна со присуство на голем број западни лидери и во сенка на зголемените тензии во источна Украина.

„Ова е најважната конференција во моите 14 години на нејзино чело“, рече шефот на конференцијата Волфганг Ишингер за овогодинешното издание на состанокот кој се одржува во главниот град на Баварија од 1963 година.

„Канцеларот Олаф Шолц пред неколку дена рече во Москва дека наша должност е да работиме за да спречиме голема војна. Добро, да почнеме да работиме на тоа“, рече Германецот на отворањето на форумот.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека светските геополитички поделби продолжуваат да растат, што го „парализира“ Советот за безбедност и дозволувајќи им на различни актери да дејствуваат неказнето. Тој истакна дека е загрижен поради можноста за воен конфликт во Европа, во време кога руската армија се акумулира на украинската граница.

„Сè уште не мислам дека тоа ќе се случи, но ако се случи, ќе биде катастрофа“, рече Португалецот, додавајќи дека „време е за сериозна деескалација“ и дека нема „алтернатива за дипломатијата“.

Голем број светски лидери пристигнаа во Минхен, вклучително и потпретседателката на САД Камала Харис, државниот секретар Антони Блинкен, шефот на НАТО Јенс Столтенберг, украинскиот претседател Володимир Зеленски, германскиот канцелар Олаф Шолц.

Во панелите ќе бидат вклучени и Бил Гејтс, демократската лидерка на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси, шефот на Светската здравствена организација Тедрос Адан Гебрејесус и лидерката на белоруската опозиција Светлана Тихановска.

За прв пат по неколку години претставник на Русија не допатува во Минхен, што е показател за влошување на односите меѓу Западот и Москва. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров присуствуваше дури и во екот на украинската револуција, пред руската анексија на Крим во 2014 година.

Портпаролката на руското министерство Марија Захаров рече дека форумот станал премногу прозападен, „губејќи ја својата инклузивност и објективност“. Шефот на германската дипломатија смета дека Русија „ја пропуштила шансата неискористувајќи го тој собир“.

„Би било многу важно да се сретнеме со руските претставници во Минхен, особено во сегашната, исклучително опасна ситуација“, рече Баербок. Во пресрет на средбата, руските медиуми потсетија на обраќањето на Владимир Путин од 2007 година, во кое тој силно ги критикуваше САД, обвинувајќи ги за создавање унилатерален свет и поткопување на глобалната стабилност под превезот на демократијата.

„Проширувањето на НАТО нема никаква врска со модернизацијата на Алијансата или безбедноста на Европа. Напротив, тоа е сериозна провокација што ја поткопува меѓусебната доверба“, ја цитира руската новинска агенција ТАСС изјавата на Путин во Баварија.

Share
Scroll to Top