Од вечерва Русија го затвора пристапот до одредени делови во Црното Море за странски воени бродови и државни пловни објекти, се вели во билтенот на Управата за навигација и океанографија на Министерството за одбрана на Русија.
Ограничувањето ќе биде на сила од 21 часот на 24 април до 21 часот на 31 октомври годинава.
Во тој временски период, ќе бидат затворени три региони во Црното Море – дел од водната површина по должината на брегот помеѓу Севастопол и Гурзуф, регионот близу крајбрежјето на Керчкиот полусотров, покрај природниот резерват Опукски и помала област близу западниот дел од Крим.
Како што истакнува Министерството за одбрана на Русија, сите тие зони се наоѓаат во територијалните води на Русија, а нивното затворање нема да ја попречува навигацијата низ Керчката теснина.
Одлуката на Русија предизвика гнев во Киев и западните земји. Украинското Министерство за надворешни работи протестираше до Москва, а НАТО ја повика Русија да обезбеди слобода на навигација и да обезбеди пристап до украинските пристаништа.
На 22 април руските војници одржаа воени вежби на полигонот „Опук“ на Крим, како дел од ненадејната проверка на борбената готовност. Бродовите на Црноморската флота и дел од вооружените сили излегоа во морскиот регион каде што се одржуваа вежбите, соопшти Министерството за одбрана на Русија.
Како што беше претходно најавено, Русија воведе привремено ограничување на летовите над делови на Крим и Црното Море од 20 до 24 април, а сега го затвори и преминот низ нејзините територијални води за странски воени бродови и други државни пловни објекти.