Советот на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) вчера заклучи дека Русија е одговорна за соборувањето на патничкиот авион MH17 во јули 2014 година.
Летот MH17, Боинг 777 на „Малезија ерлајнс“, полета на 17 јули 2014 година од аеродромот „Схипхол“ во Амстердам до Куала Лумпур.
Три часа по полетувањето, тој беше погоден над украинскиот регион Донецк со ракета земја-воздух „Бук“ испукана од проруските сепаратистички сили.
Сите патници и членови на екипажот, вкупно 298 лица, вклучувајќи 196 холандски државјани, загинаа.
Иако Русија никогаш не ја презеде одговорноста за нападот, таа систематски ширеше теории на заговор за да ја префрли одговорноста на други.
Според соопштението на холандското Министерство за надворешни работи, „огромно мнозинство“ од членовите на ICAO гласале во корист на Холандија и Австралија, кои во 2022 година покренаа постапка против Русија пред оваа меѓународна организација.
Во пресудата се наведува дека Русија е „одговорна за соборувањето на летот MH17“ и дека нејзините постапки „ја прекршиле Конвенцијата за меѓународно цивилно воздухопловство.
„Во наредните недели, Советот на ICAO ќе разгледа која форма на репарација е соодветна“, рече холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп. „Во овој контекст, Холандија и Австралија бараат од ICAO да ѝ наложи на Русија да започне преговори со двете земји и да посредува во процесот.“
Семејствата на жртвите од MH17 претходно побараа руското признавање на одговорноста да биде составен дел од секој иден мировен договор за ставање крај на руската инвазија на Украина, потсетува „Европска правда“.
Амбасадорот на Украина во Канада и претставник на Киев во ICAO, Јулија Ковалив, за „Европа правда“ изјави дека оваа одлука претставува „уште еден важен чекор кон одговорност на Русија“.
„Цивилната авијација е болна тема за Русија и ние ќе продолжиме да работиме на тоа да ги повикаме на одговорност сите што ја прекршуваат Конвенцијата, вклучувајќи ги Русија и Иран“, додаде Ковалив.
Текстот Русија прогласена за виновна за соборувањето на патничкиот авион во кој загинаа 298 луѓе е превземен од МАКФАКС.