Руте: Разговорите во Москва се клучен чекор кон завршување на украинскиот конфликт

Руте: Разговорите во Москва се клучен чекор кон завршување на украинскиот конфликт

пред 2 часа

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека разговорите одржани во Москва меѓу специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и рускиот претседател Владимир Путин биле „важен чекор“ во напорите за наоѓање решение за конфликтот во Украина. Како што објавија западните медиуми, Руте нагласи дека ќе следат „следни чекори“, но не сакаше да ја открие нивната содржина.

„Тесно се координираме со Американците, но не коментираме за секој потег“, рече генералниот секретар.

Изјавата на Руте доаѓа во сенка на континуираните дипломатски напори, откако доцна синоќа во Кремљ завршија часови разговори меѓу Виткоф, специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, и тимот на Путин. На состанокот присуствуваше и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, како и специјалниот претставник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка, Кирил Дмитриев, пренесуваат медиумите.

Според написите, иако разговорите беа оценети како „продуктивни“, страните ниту овој пат не успеаја да постигнат компромис за американскиот мировен план. Помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, потврди дека „територијалното прашање останува главна пречка“, што се совпаѓа со изјавата на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој ги идентификуваше териториите како клучна точка на спор во мировните преговори.

Дипломатските напори, и покрај застојот, продолжуваат, а во меѓународните кругови растат очекувањата дека претстојните чекори ќе донесат поголем напредок во потрагата по одржливо решение за украинската криза.

Фото: ЕПА

Текстот Руте: Разговорите во Москва се клучен чекор кон завршување на украинскиот конфликт е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top