Откако Доналд Трамп повторно ја актуелизираше идејата за купување на Гренланд, во јавноста се појави информација за последната голема територија што САД ја купиле од Данска во 1917 година. Станува збор за Данските Западни Индии, денес познати како Американски Девствени Острови, пишува „Њузвик“.
На социјалните мрежи се посочува дека во рамки на таа територија се наоѓа и островот Литл Сент Џејмс, познат како озлогласениот „остров на Епстин“.
САД ѝ платиле на Данска 25 милиони долари во злато за овие територии, стекнувајќи контрола врз островите Сент Томас, Сент Џон и Сент Кроа. Островот Литл Сент Џејмс бил дел од оваа аквизиција. Подоцна, во 1998 година, го купил починатиот финансиер и педофил Џефри Епстин.
Островот стекна лоша репутација како приватен имот на кој Епстин наводно извршувал сексуални злосторства. Тој стана централна точка во истрагите и граѓанските постапки што следеа по неговото апсење и смрт.
И денес островот е предмет на јавни расправи, а многумина повикуваат на објавување на детални информации за тоа кој и кога го посетувал. Тоа е особено нагласено по неодамнешното објавување на делови од „досиејата на Епстин“, кои фрлија ново светло врз неговата мрежа на контакти и тековните судски постапки.
Текстот САД веќе купиле острови од Данска – меѓу нив и озлогласениот остров на Епстин е превземен од МАКФАКС.






