Соединетите Држави виделе „многу веродостојни извештаи“ за намерни напади врз цивили, изјави денеска американскиот државен секретар Антони Блинкен, велејќи дека САД ги документираат извештаите за потенцијална истрага за воени злосторства.
„Видовме многу веродостојни извештаи за намерни напади врз цивили кои може да претставуваат воено злосторство“, рече Блинкен во емисијата „Состојбата на Унијата“ на Си-Ен-Ен. „Исто така, видовме многу веродостојни извештаи за употреба на одредени видови оружје“, додаде тој.
Генералниот секретар на НАТО, исто така, во петокот предупреди дека Русите користат законски забранети касетни бомби во нивните напади врз Украина.
„Во моментов документираме, поврзуваме и разгледуваме сè, така што, додека поединци, организации и институции истражуваат дали се извршени воени злосторства, да можеме да ја потврдиме нивната работа“, објасни Блинкен.
Амбасадата на САД во Украина во петокот на Твитер објави дека нападот на нуклеарната централа е воено злосторство откако руските сили ја окупираа најголемата нуклеарна централа во Европа, што предизвика глобален аларм. Блинкен не ја коментираше објавата, а Стејт департментот одби да коментира дали твитот ја одразува позицијата на американската влада по ова прашање.
Русија, која негира дека напаѓа цивили и цивилни области, ја нарекува кампањата што ја започна на 24 февруари „специјална воена операција“, уверувајќи дека нема намера да ја окупира Украина – поранешен дел од Советскиот Сојуз. Според ОН, повеќе од 1,5 милиони луѓе ја напуштиле Украина пред руските напади, а стотици цивили се убиени.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека е неопходно да се испита дали Русија врши воени злосторства во Украина.
„Мислам дека е потребна темелна истрага“, изјави таа за Си-Ен-Ен.