САД соопштија дека се длабоко разочарани и сериозно загрижени од пресудата против турскиот бизнисмен и активист за човекови права Осман Кавала, кој вчера беше осуден на доживотен затвор.
„ Неговата неправедна пресуда не е во согласност со почитувањето на човековите права, основните слободи и владеењето на правото. Повторно ја повикуваме Турција да го ослободи Осман Кавала“, се вели во вчерашното соопштение на американскиот Стејт департмент.
Беше речено и дека официјален Вашингтон „останува сериозно загрижен поради континуираното судско вознемирување на граѓанското општество, медиумите, политичките и деловните лидери во Турција“.
Кавала (64) повеќе од четири години е во затвор без пресуда. Тој ги негира обвиненијата против него и 15 други обвинети за протестите во Гези, кои започнаа како мали демонстрации во паркот во Истанбул и прераснаа во антивладини немири низ целата земја, во кои беа убиени осум демонстранти.
Турскиот суд го прогласи Кавала за виновен и го осуди на доживотен затвор за обид за соборување на владата преку финансирање протести низ земјата во 2013 година, а неколку други обвинети беа осудени на 18 години затвор за помагање и поттикнување обид за соборување на владата.
Судот, исто така, соопшти дека одлучил да го ослободи Кавала од обвиненијата за шпионажа поради недостиг на докази, објави „Ројтерс“.