Поради недостигот на донации на органи, научниците со години се обидуваат да најдат начин како да ги користат животните за трансплантација.
Операција, изведена од тим од Медицинскиот универзитет во Мериленд, е меѓу првите такви операции чија цел е да се демонстрира изводливоста за трансплантација на свинско срце во човечкото тело.
На Американецот, кој беше во терминална фаза на срцева болест, му беше извршена трансплантација на генетски модифицирано свинско срце во првата операција од ваков вид и три дена по операцијата пациентот добро закрепнува, објавија неговите лекари, пренесуваат медиумите во светот.
Доколку оваа трансплантација се покаже успешна, научниците се надеваат дека органите на свињата успешно ќе го компензираат недостатокот на човечки органи од донатори.
„Ова беше револуционерна операција која не донесе чекор поблиску до решавање на кризата со недостиг на човечки органи. Едноставно нема доволно човечки срца во донаторски резерви за да се пополни долгата листа на потенцијални пациенти на кои им се потребни“, рече Бартли Грифит, кој ја изврши операцијата за вградување на свинско срце во човек.
„Постапуваме претпазливо, но оптимисти сме дека оваа прва операција во светот од ваков вид ќе обезбеди важна нова опција за пациентите во иднина.
За 57-годишниот Дејвид Бенет од Мериленд оваа трансплантација била неговата последна шанса.
„Или требаше да умрам или да одам на оваа трансплантација. Сакам да живеам. Знам дека ова е „слеп истрел“, но ова е мојата последна шанса“, рече Бенет ден пред операцијата, се вели во соопштението од универзитетот.
За да може да ја спроведе оваа експериментална операција, универзитетот претходно доби зелено светло од американската Администрација за храна и лекови (ФДА).
„ФДА ги искористи нашите податоци и податоците на експериментална свиња за да одобри трансплантација во последната фаза на срцева болест на пациент кој немал друга опција за третман“, рече Мухамед Мохиудин, кој ја води програмата за ксенотрансплантација на Универзитетот.
Други свински органи кои се тестираат за трансплантација на луѓе ги вклучуваат бубрезите, црниот дроб и белите дробови. Претходните обиди за трансплантација од свињи на луѓе беа неуспешни поради генетски разлики што предизвикаа отфрлање на органите или поради вируси кои претставуваа ризик од инфекција. Научниците го решија овој проблем со отстранување на потенцијално штетните гени.