На седум полицајци од Бор им е одреден 30-дневен притвор со одлука на Вишиот суд во Ниш, поради сомнение дека ги малтретирале и мачеле Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ, осомничени за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Полицајците биле уапсени на 14 ноември, а наводното малтретирање се случило додека Јанковиќ и Драгијевиќ биле задржани во Полициската управа во Бор во рамки на истрагата за убиството, пренесува Н1.
Портпаролката на Вишиот суд во Ниш потврдила дека притворот е одреден со неправосилна одлука, поради опасност од влијание врз доказите и сведоците, можност за повторување на кривичното дело и вознемиреноста на јавноста.
Вишото јавно обвинителство во Ниш соопшти дека и претходно издавало наредби за апсење на полицајците, но припадниците на Секторот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи не постапиле по нив.
Минатата недела Обвинителството наредило апсење и на уште осум полицајци, осомничени дека во полициската станица во Бор му нанеле тешки телесни повреди на Далибор Драгијевиќ, брат на осомничениот Дејан Драгијевиќ.
Далибор Драгијевиќ починал на 7 април 2024 година како последица на повредите.
Текстот Седум полицајци во Србија завршија во притвор поради случајот со Данка Илиќ е превземен од МАКФАКС.





