Семејствата на жртвите на концертот на Тревис Скот бараат отштета од 750 милиони долари

пред 3 години

Со тужба поднесена во име на 125 жртви од трагедијата на „Астроворлд“ во Хјустон се бара отштета од 750 милиони долари од изведувачите Тревис Скот и Дрејк и компаниите вклучени во организацијата на концертот.

Адвокатот oд Хјустон, Тони Базби, во понеделникот ја поднесе тужбата во име на клиентите, меѓу кои и семејството на 21-годишниот Аксел Акоста, еден од десетте лица кои загинаа на годинашниот хип-хоп фестивал на Скот, каде што беа повредени стотици луѓе.

Во тужбата се обвинуваат Скот и Дрејк (кој се појави како гостин изведувач), заедно со промотерите „Лајв нејшн“ и „Скоромор шоус“, агенцииите за обезбедување „Контемпорари сервисес корп“, „Апекс секјурити“, „Вале секјурити Тексас“, како и „Парадокс“, компанија со договор да обезбедува медицински услуги на фестивалот.

Во тужбата се наведува и „Епл“, кој го емитуваше концертот во живо на својот сервис „Епл мјузик“, издавачката куќа „Епик“ на Скот, Кактус Џек односно „Харис каунти спортс енд конвеншн корп“, која управува со НРГ Парк.

„Кога Аксел колабирал, бил прегазен од оние кои се бореле самите да не бидат прегазени“, се вели во тужбата. „Додека лежел под масата луѓе, умирајќи, музиката продолжила уште речиси 40 минути“, се додава во неа.

Последната жртва на трагедијата е деветгодишно момче кое почина во неделата, една седмица откако со апарати беше одржувано во живот.

Со смртта на момчето Езра Блаунт, вкупниот број на загинати во стампедото на фестивалот „Астроворлд“ на 5 ноември се искачи на десетмина. Жртвите се на возраст од 9 до 27 години.

Скот во четвртокот ги повика повредените и нивните семејства да контактираат со него, велејќи дека очајно сака да им изрази сочувство и да пружи помош.

Раперот претходно се понуди да плати за погребите и за психолошка помош.

Share
Scroll to Top