Поранешниот министер за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, изјави дека се чувствува „како идиот“ по објавувањето на новите СМС-пораки во аферата со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн.
„Искрено, не се сеќавам на тие пораки. Не можам ниту да ги потврдам, ниту да ги негирам. Се чувствувам како идиот“ – рече словачкиот дипломат, откако ги препрочита пораките.
Тој призна дека имал лоша проценка и „несоодветна комуникација“, но негираше вмешаност во какви било кривични дела, нагласувајќи дека пораките биле „само глупави машки разговори“.
Лајчак објасни дека пристигнал во Њујорк во 2017 година на едногодишна функција во Обединетите нации и дека бил запознаен со Џефри Епштајн од страна на висок странски дипломат. Според него, Епштајн бил широко познат и се сретнал со бројни бизнис и политички личности од САД и од странство.
Лајчак рече дека не гледа причина да не се сретне со него, тврдејќи дека воспоставувањето контакти е дел од неговата работа, пишуваат медиумите.
„Зошто јас, човек од Словачка, не би го прифатил тоа? Тој беше вреден контакт“ – рече Лајчак, истакнувајќи дека подоцна дознал за пресудата на Епштајн за сексуален прекршок во 2008 година, но забележал дека многу влијателни личности продолжиле да се дружат со него и по тоа.
Ова, додаде тој, го навело да верува дека „не е проблем да се прави истото“.
– Мојот однос со него се темелел на зборови, а не на дела. Денес ја плаќам цената на комуникацијата и познанството со него – рече Лајчак.
Тој ги осуди злосторствата што излегоа на виделина по апсењето на Епштајн во 2019 година.
Тој, исто така, потврди дека го посетил станот на Епштајн, но рече дека биле присутни и други бизнис и политички личности.
„Немало девојки. Овој дел од животот на Епштајн ми беше непознат. Тој не зборуваше за тоа, а јас не го прашав. Мојата совест е чиста“ – нагласи Лајчак, според написите.
Фото: ЕПА
Текстот „Се чувтсвувам како идиот“: Лајчак проговори за контроверзните пораки со Епштајн е превземен од МАКФАКС.






