СЗО прогласи меѓународна закана од ебола во Конго

СЗО прогласи меѓународна закана од ебола во Конго

пред 4 часа

Светската здравствена организација (СЗО) ја подигна проценката на ризик на „високо ниво“ дека сојот на ебола „бундибугио“ може да прерасне во национална епидемија во Демократска Република Конго. СЗО пред пет дена го прогласи овој сој на вирусот за меѓународна здравствена закана, а за него не постои одобрена вакцина ниту лек.

„Сега ја подигнуваме проценката на ризик на многу високо ниво на национално ниво, високо на регионално ниво и ниско на глобално ниво“, им изјави на новинарите директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Досега се потврдени 82 случаи на зараза во ДР Конго, за седум лица е потврдено дека починале од ебола, додека под сомнение се уште 177 смртни случаи и 750 заразени.

Ситуацијата во Уганда засега е стабилна, соопшти директорот на СЗО. Мерките што ги презеде земјата, вклучително и интензивно следење на контактите и откажување масовни собири, се покажале како ефикасни во ограничувањето на ширењето на вирусот.

„Потенцијалот овој вирус брзо да се прошири е висок, многу висок, и тоа целосно ја промени динамиката“, изјави Абдирахман Махамуд.

Потврдено е дека американски државјанин кој работел во Конго е заразен со вирусот и е префрлен во Германија на лекување.

„Свесни сме и за денешниот извештај за уште еден американски државјанин со високоризичен контакт кој е пренесен во Чешка“, додаде Тедрос.

Главната научничка на СЗО, Силви Бријан, изјави дека постојат охрабрувачки резултати кои укажуваат дека антивирусниот лек „обелдесивир“ би можел да се користи кај контактите на заразените со ебола за да се спречи ширењето на болеста.

СЗО нагласи дека епидемијата веројатно започнала пред два месеца, но била прогласена дури пред една недела.

„Се обидуваме да се вратиме наназад за навистина да ја ставиме под контрола оваа епидемија. Со оглед на тоа што вирусот сè уште се пренесува, бројките уште некое време ќе продолжат да растат“, изјави претставничката на СЗО во Демократска Република Конго, Ен Ансија.

Текстот СЗО прогласи меѓународна закана од ебола во Конго е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top