Сикорски: Путин не сака мир, туку капитулација на Украина и нема да запре

Сикорски: Путин не сака мир, туку капитулација на Украина и нема да запре

пред 4 часа

Шефот на полската дипломатија, Радослав Сикорски, денес во експозе за полската надворешна политика предупреди дека Русија не сака мир, туку капитулација на Украина и дека нема да застане тука.

„Сите сме свесни за опасноста. Ситуацијата е сериозна. Свеста за опасноста може да биде парализирачка. Не можеме да си дозволиме луксуз да останеме парализирани“, им рече Сикорски на членовите на долниот дом на полскиот парламент.

Тој предупреди дека некои сојузници не го исклучуваат сценариото Русија да го нападне НАТО, како што рече, не за две или три години, туку оваа година.

„Кремљ нема да попушти. Ќе тестира понатамошни граници. Путин не сака мир, тој сака само капитулација“, рече Сикорски и потсети дека Европа е веќе цел на руски хибридни напади – сајбер напади, поточно врз Полска од две илјади до три илјади дневно, диверзија и саботажа и масовно ширење дезинформации на Интернет.

„Целта на непријателот е едноставна. Да заплаши, да предизвика раздор, да поттикне разни групи Полјаци едни против други, да ја ослабне довербата во политичарите и владата. Полјаците, од најмладите до најстарите, мора да научат како да се справат со опасностите на Интернет. Патриотска должност е да се биде свесен кој, што и со која цел е објавено“, рече тој.

Сикорски им порача на сите во Полска кои мислат дека помагањето на Украина не вреди, дека треба да разберат дека слободна Украина како дел од Западот е шанса и можност и за нивната татковина.

„Шанса да се скршат забите на рускиот империјализам, да се зајакне заедничката одбрана, за интензивна трговска размена, заеднички проекти во одбранбената индустрија за ангажирање на нашите компании. Војната во Украина не е само за независноста на таа земја, туку и за тоа кој ќе биде трет најсилен играч во светот покрај САД и Кина – Русија или Европа“, рече тој.

Апелираше да се воведе таканаречениот воен Шенген во ЕУ, така што евентуалното доаѓање на сојузниците да помогнат да не трае со недели, туку да биде брзо без правни бариери“.

Текстот Сикорски: Путин не сака мир, туку капитулација на Украина и нема да запре е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top