Силен земјотрес од 7,1 степен кај Фукушима, има повредени и милион домови без струја

пред 4 години

Земјотрес со интензитет од 7,1 степени според Рихтеровата скала го погоди источниот брег на Јапонија. Повреди се десетици лица, скоро милион домаќинства останаа без струја, но три блиски нуклеарни централи работат без потешкотии, пренесуваат светските медиуми.

Епицентарот бил на крајбрежјето на префектурата Фукушима на длабочина од 60 километри, објави јапонската метеоролошка служба. Не е издадено предупредување за цунами.

Снимател на „Ројтерс“ со седиште во Фукушима изјави дека неговата хотелска соба на 10-ти кат се тресе веќе некое време. Еден човек од хотелот бил хоспитализиран откако паднал и ја удрил главата на вратата.

Разбиени се бројни излози на продавници, покажува телевизиска снимка, додека „Кјодо њуз“ објави десетици повредени, но без сериозни повреди.

Земјотресот ја погоди Фукушима само неколку недели пред 10-годишнината од разорниот земјотрес на 11 март 2011 година, кој го опустоши североистокот на Јапонија и предизвика масовно цунами што доведе до најголема светска нуклеарна криза.

Земјотресите се вообичаени во Јапонија, една од најсеизмички активните области во светот. На Јапонија ѝ припаѓаат петтина од земјотресите во светот со јачина од 6 степени или повисока.

Share
Scroll to Top