Синот на Синди Крафорд пред смртта објавил снимка од лекување

Синот на Синди Крафорд пред смртта објавил снимка од лекување

пред 2 часа

Присли Гербер, модел и син на Синди Крафорд и Ренди Гербер, почина во неделата на 27-годишна возраст. Во една од своите последни објави на социјалните мрежи отворено зборувал за лекувањето од зависност со психоделични супстанци.

Гербер починал на 20 септември во установа за рехабилитација, според евиденцијата на судскиот лекар на округот Лос Анџелес, до која дошол магазинот „Пипл“.

Претставник на неговото семејство, исто така, ја потврдил веста.

„Семејството моли за приватност во овие исклучително тешки и болни моменти“, соопштил претставникот.

Во една од последните објави пред смртта, Гербер во март споделил видео снимено непосредно пред да прими голема доза ибогаин.

Ибогаинот е природен психоделик кој се добива од кората на коренот на западноафриканската грмушка Tabernanthe iboga, а меѓу другото се истражува и неговата потенцијална примена во лекувањето зависности.

„Момент на тишина пред сè да се промени“, напишал Гербер покрај објавата.

„Бев целосно преплашен и знаев дека повторно ќе бидам ако некогаш морам да се соочам со нешто слично.“

Тој ги споделил и мантрите со кои се водел за време на третманот, кој е легален во некои земји, но не и во Соединетите Американски Држави. Напишал дека не му било лесно да ја препушти контролата, но дека верувал оти го води нешто поголемо од него.

„Знаев зошто сум таму. Се соочив со она од што бегав и некаде во сето тоа повторно почнав да се пронаоѓам себеси. Ќе видиме.“

Напишал и дека се „моли тоа да биде последниот пат кога мора да се врати“.

„Следниот пат би сакал да го направам тоа по сопствена одлука“, продолжил Гербер, по што му се заблагодарил на „неверојатниот, грижлив и проклето добар тим“ кој му помогнал во текот на третманот.

Под објавата се огласиле и членови на неговото семејство.

Неговата мајка, 60-годишната Синди Крафорд, напишала: „Ти си борец! Помина низ оган за да се пронајдеш себеси! Толку сум горда!“

Неговата сестра Каја Гербер, која има 25 години, додала: „Тоа е мојот брат. Проклето сум горда.“

Гербер, роден во 1999 година во Беверли Хилс, и пред смртта отворено зборувал за проблемите со менталното здравје и злоупотребата на супстанци.

„Се борев со менталното здравје, депресијата и некои други работи што доаѓаат со тоа. Мислам дека за мене е доволно ако му помогнам на еден човек или на сто луѓе да излезат од состојбата во која јас се наоѓав во еден период од животот“, изјавил во 2023 година во поткастот „Studio 22“.

„Менталното здравје е проблем. Тоа е толку голем дел од мојот живот. Тоа е работа што трае 24 часа дневно, седум дена во неделата, и со неа доаѓаат толку многу работи“, продолжил тој.

„Тоа е всушност она што сакам да го правам – да им помагам на луѓето, без разлика дали сте депресивни или се борите со нешто што негативно влијае врз вашето тело. Може да биде што било и нема осудување.“

Тој додал: „Сум видел сè и сешто и многу научив. Се надевам дека јас направив некои грешки наместо други луѓе, за тие да не мора да ги направат истите грешки како мене.“

Текстот Синот на Синди Крафорд пред смртта објавил снимка од лекување е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top