Трамп за протестите: „Франција гори! Затворете ги границите пред да биде предоцна“

Трамп за протестите: „Франција гори! Затворете ги границите пред да биде предоцна“

пред 4 часа

Американскиот претседател ги поврза насилните немири со имиграцијата и ги повика француските власти да преземат контрола врз ситуацијата. Според француските власти, во протестите биле уапсени најмалку 1.800 лица, а на улиците излегле околу 550.000 демонстранти.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги коментираше насилните протести што во текот на викендот ја зафатија Франција, испраќајќи остра порака до француските власти и барајќи затворање на границите.

„Франција гори!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social, поврзувајќи ги немирите со, како што рече, „имиграцијата на луѓе од сосема друг свет“.

„Затворете ги границите и преземете ја контролата пред да биде предоцна!“, порача американскиот претседател.

Реакцијата на Трамп доаѓа во време на ескалација на протестите против високите трошоци за живот и лошата состојба на јавните услуги, кои во повеќе француски градови прераснале во насилни судири со полицијата.

Макрон вечерва ќе ѝ се обрати на нацијата

Францускиот претседател Емануел Макрон најави обраќање до нацијата во 20 часот, во услови на растечка загриженост поради насилството. Пред обраќањето, тој треба да одржи итен состанок со највисоките државни функционери.

Макрон претходно го осуди насилството и порача дека одговорните ќе бидат казнети.

„Оние што кршеа, напаѓаа префектури и компании и ограбуваа градски управи ќе бидат процесуирани и казнети“, напиша францускиот претседател на социјалните мрежи.

Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез истакна дека правото на протест е основно право, но дека намерното предизвикување хаос и насилство не е прифатливо.

Најмалку 1.800 уапсени, повеќе од 500 повредени припадници на службите

Според податоците на француските власти, во текот на протестите биле уапсени најмалку 1.800 лица, од кои 855 на поширокото подрачје на Париз.

Властите проценуваат дека на протестите учествувале околу 550.000 луѓе, додека организаторите тврдат дека бројката достигнала околу 800.000 демонстранти.

Во насилните инциденти биле повредени повеќе од 500 полицајци, жандарми и пожарникари.

Во повеќе градови маскирани групи палеле автомобили, напаѓале јавни објекти и се судирале со полицијата. Во Лимож, пожар ја зафатил градската управа од 19 век, при што се урнал покривот на историската зграда. Префектот Морис Барат изјавил дека пожарот бил подметнат и дека објектот е речиси целосно уништен.

Значителна материјална штета била регистрирана и во Париз, каде што биле искршени излози, оштетени делови од плоштадот Републик и пријавени случаи на грабежи.

Протестите почнале поради условите во училиштата

Протестите започнале минатиот месец во средни училишта во посиромашните северни предградија на Париз. Учениците се побуниле поради недостигот од наставници и лошите услови во училиштата, а незадоволството постепено се проширило во пошироко движење против нееднаквоста, недоволните јавни инвестиции и падот на животниот стандард.

Дел од граѓаните ги поддржуваат барањата на демонстрантите, но истовремено го осудуваат насилството.

„Дојдоа провокатори и тоа ми го крши срцето, бидејќи му го одземаат легитимитетот на целото движење“, изјавила 26-годишната Парижанка Марго Еуд.

Немирите отворија и политички судири

Насилството предизвика и политички препукувања во Франција, во период кога земјата се приближува кон претседателските избори следната пролет.

Лидерката на француската десница, Марин Ле Пен, го критикуваше левичарскиот политичар Жан-Лик Меланшон, кој учествуваше во протестниот марш во Париз.

„Грабежи, пустошење, уништување и напади врз полицијата: насилниците повторно ги уништија протестите на 17 октомври за заштита на куповната моќ“, напиша Ле Пен на платформата Икс.

Протести поради трошоците за живот, корупцијата и станбените проблеми во текот на викендот се одржаа и во други европски земји, меѓу кои Шпанија, Португалија, Италија и Белгија. Во некои градови, и таму дошло до судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Текстот Трамп за протестите: „Франција гори! Затворете ги границите пред да биде предоцна“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top