Трамп: Кубанскиот режим ќе падне

Трамп: Кубанскиот режим ќе падне

пред 4 часа

Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за „Политико“ изнесе низа тврдења за војната со Иран, ситуацијата на Куба, војната во Украина и односите со технолошките компании.

Во разговорот ја отфрли загриженоста за последиците од конфликтот со Иран и порача дека САД ќе помогнат во изборот на новиот ирански лидер. Воедно го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски и компанијата за вештачка интелигенција „Антропик“.

Трамп последниве денови се соочува со политички критики во САД, вклучително и незадоволство кај дел од движењето МАГА поради војната со Иран, како и критики од демократите поради растот на трошоците за живот.

Во телефонскиот разговор Трамп настапи самоуверено. Тој ја отфрли загриженоста дека војната би можела да влијае врз цените на горивата и американските резерви на оружје и тврди дека американските гласачи ја поддржуваат воената операција против Иран. Иако бројни анкети покажуваат спротивно, истражување објавено од „Фокс њуз“ покажало дека гласачите се поделени околу ова прашање.

„На луѓето им се допаѓа тоа што се случува“, рече Трамп.

Интервенција на Куба

Трамп додаде дека по Иран би можел да падне и кубанскиот режим.

„Куба исто така ќе падне. Го прекинавме целиот доток на нафта, сите пари – всушност сè што доаѓаше од Венецуела, која беше нивниот единствен извор. И сега сакаат да склучат договор“, рече тој.

На прашањето дали САД имаат улога во евентуалниот пад на кубанската влада, Трамп одговори:

„Што мислите вие? Веќе 50 години слушате за Куба. За мене тоа е само шлаг на тортата.“

Притоа ги пофали односите со Венецуела.

„Во Венецуела оди фантастично. Делси прави фантастична работа. Односите со нив се одлични“, рече Трамп.

Тој потврди и дека Вашингтон разговара со кубанското комунистичко раководство, додека ситуацијата на островот се влошува по заробувањето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро.

„Им треба помош. Разговараме со Куба“, изјави Трамп.

Додаде дека влошувањето на ситуацијата на Куба делумно е последица на американскиот притисок, вклучително и прекинот на снабдувањето со венецуелска нафта која со години ја одржувала кубанската економија.

„Тоа е поради мојата интервенција, интервенција што се случува токму сега. Инаку немаше да го имаат овој проблем. Ја прекинавме целата нафта, сите пари… сè што доаѓаше од Венецуела“, повтори Трамп.

Самоувереност околу Иран

Додека американските воени операции против Иран доминираат во надворешната политика на неговата администрација, Трамп навести дека САД сакаат да имаат важна улога во обликувањето на политичката иднина на Иран по војната.

На прашањето колкаво влијание очекува врз изборот на новото иранско раководство, тој одговори:

„Ќе имам големо влијание, или нема да има никаков договор, затоа што ние нема повторно да се враќаме и да го правиме ова.“

„Ќе работиме со народот и со режимот за да обезбедиме на власт да дојде некој што може да го изгради Иран на добар начин, но без нуклеарно оружје“, додаде тој.

Трамп се осврна и на синот на починатиот ајатолах Али Хамнеи, кој се споменува како можен нов врховен лидер на Иран.

„Сега го разгледуваат синот. Причината зошто татко му не сакал да му ја предаде власта е тоа што велат дека е неспособен“, рече Трамп.

Тој нагласи дека САД ќе „работат со Иранците за да помогнат да се донесе вистинскиот избор“, со цел да се избегне ситуација во која Иран повторно би водел политика што би довела до нов конфликт во следните десет години.

„Имаме неограничени резерви оружје“

Трамп ја отфрли и загриженоста дека растот на цените на горивата поради конфликтот би можел политички да им наштети на републиканците пред изборите во ноември.

„На луѓето им се допаѓа тоа што се случува. Отстрануваме голема закана за САД и го правиме тоа на начин каков што никој досега не видел“, рече тој.

Тој нагласи дека американската воена операција против Иран се спроведува прецизно и тврди дека САД располагаат со огромни воени капацитети, иако официјални лица од Пентагон и некои членови на Конгресот предупредуваат на намалување на резервите на оружје.

„Дејствуваме хируршки. Имаме неограничени резерви оружје, неограничени… Имаме илјадници и илјадници парчиња“, рече Трамп.

Според него, иранската воена моќ е практично уништена.

„Немаат морнарица. Немаат воздухопловни сили. Немаат системи за откривање авиони. Сè е уништено. Нивниот радар е уништен. Нивната војска е десеткувана. Сè што им остана е храброста“, изјави тој.

Незадоволство од Зеленски

Трамп рече дека паралелно продолжуваат преговорите за војната во Украина и повторно изрази незадоволство од украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Зеленски мора да се придвижи и мора да постигне договор“, рече Трамп.

Од друга страна, тој смета дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен за преговори за завршување на војната.

„Мислам дека Путин е подготвен за договор“, повтори Трамп.

Спор околу вештачката интелигенција

Трамп се осврна и на спорот меѓу Пентагон и технолошката компанија „Антропик“, која одбила да ѝ даде на американската војска неограничен пристап до својата технологија за вештачка интелигенција.

„Го отпуштив Антропик. Тие се во проблеми затоа што ги отпуштив како кучиња, затоа што не смееја да го направат тоа“, рече Трамп.

Тој истовремено ја нагласи и својата поддршка за министерот за одбрана Пит Хегсет.

„Гледате колку добро работи Пит и гледате колку е добра војската. Имаме неверојатна војска. Целиот свет го гледа тоа сега. Јас ја изградив војската во мојот прв мандат, а сега ја користам во вториот“, рече Трамп.

Фото: Library of Congress, Unsplash

Текстот Трамп: Кубанскиот режим ќе падне е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top