Американскиот претседател Доналд Трамп и државниот секретар Марко Рубио изнесоа различни процени за можноста за скорешен крај на војната во Украина. Додека Трамп изрази оптимизам дека договорот е на дофат, Рубио порача дека сè уште не е сигурен дали мирот може да се постигне преку преговори.
На самитот на министрите за надворешни работи на Г20 во Атланта, Рубио изјави дека САД продолжуваат да проверуваат дали постои простор за договор, но нагласи дека никој не тврди оти мировното решение е на чекор. Тој додаде дека се надева оти напредокот е близу, но дека засега не може да го потврди тоа.
Неговата изјава следуваше неколку часа по пораката на Трамп, кој во разговор со конзервативниот блогер Бени Џонсон рече дека верува оти постои голема можност за постигнување договор. Според американскиот претседател, непријателството меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин досега било една од главните пречки за напредок.
Трамп претходно беше споменуван и како можен домаќин на средба меѓу претставници на Русија и Украина на самитот на Г20 во декември. Зеленски изјави дека е подготвен за директен разговор со Путин доколку рускиот претседател присуствува на собирот, но неговото доаѓање засега не е потврдено.
За почетокот на ноември е најавена и прва средба на делегациите на Украина, Русија и САД по зимата.
Во меѓувреме, високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, го обвини рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за лажење на самитот на Г20, оценувајќи дека Москва не е подготвена за сериозни мировни преговори.
Текстот Трамп тврди дека договорот за крај на војната во Украина е многу блиску е превземен од МАКФАКС.




