Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба денеска изјави дека неговата влада прва имала увид во писмото што САД го испратиле до Русија и дека документот дури подоцна бил испратен до Москва.
Кулеба рече дека украинската влада го поддржува одговорот на администрацијата на Бајден кон Русија, кој се однесува на безбедносните барања што ги бара Москва.
– Важно е САД да останат во близок контакт со Украина пред и по разговорите со Русија. Нема одлука за Украина без Украина. Тоа е златното правило – изјави Кулеба.
Да потсетиме, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно денеска изјави дека одговорот на Вашингтон е „незадоволителен“ и дека рускиот претседател Владимир Путин во моментов го разгледува американскиот документ поднесен од американскиот амбасадор во Москва.
Заменик-државниот секретар на САД, Венди Шерман, рече дека Белата куќа не е подготвена да дозволи „тајни отстапки“ за Украина, ниту да ги повлече трупите на НАТО од источноевропските земји, вклучително Романија и Бугарија, како што бара Москва.