Украина и Русија денеска ќе одржат директни разговори во Абу Даби во обид да се најде решение за завршување на војната што трае речиси четири години, јавува германската новинска агенција ДПА.
Датумот на разговорите го потврдија и Кремљ и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но без да прецизираат дополнителни детали.
Директните преговори меѓу Москва и Киев беа обновени пред една недела по подолга пауза. Тие се одржаа зад затворени врати, а посредуваа Соединетите Американски Држави преку својот главен преговарач Стив Виткоф. Овој пат, завојуваните страни ќе преговараат без американски претставници.
Иако преговарачките тимови повеќепати ги опишаа разговорите како конструктивни, договор за мировен договор сè уште не е на повидок, а територијалните прашања остануваат клучна точка на несогласување.
Русија бара Киев да се повлече од делови од источниот украински регион Донбас, особено од областите околу Доњецк и Луганск, кои сè уште се под украинска контрола. Зеленски повеќепати ја отфрли можноста за територијални отстапки.
Украинската делегација ќе ја предводи главниот преговарач Рустем Умеров, додека на чело на руската делегација ќе биде Игор Костјуков, шеф на воената разузнавачка служба ГРУ.
На барање на американскиот претседател Доналд Трамп, Русија се согласи привремено да ги запре нападите врз енергетската инфраструктура поради екстремниот студ и веќе обемните оштетувања во Киев и други градови. Сепак, нападите врз други цели продолжија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот изјави дека ограниченото примирје ќе трае само до недела, со цел да се обезбеди „добра основа“ за мировните преговори.
Зеленски изјави дека не постои формален договор за привремен прекин на огнот, но вети дека Украина нема да напаѓа руски енергетски цели доколку Русија се придржува до своето ветување.
Украина речиси четири години се брани од руската инвазија со поддршка од Западот.
Текстот Украина речиси четири години се брани од руската инвазија, денес нови преговори во Абу Даби е превземен од МАКФАКС.






