Филипинскиот претседател се закани со апсења на невакцинираните кои ќе излезат од карантин

пред 3 години

Филипинскиот претседател Родриго Дутерте денеска изјави дека невакцинираните граѓани ќе бидат уапсени доколку не ги почитуваат мерките за задолжителна изолација.

„Доколку некое лице не ја почитува мерката задолжителна изолација, ако ја напушти својата куќа и оди во обиколка на заедницата, ќе биде задржано. Полицијата има овластување да апси непослушни лица“, рече Дутерте во телевизиско обраќање, а пренесува агенцијата „Ројтерс“.

„Јас сум одговорен за безбедноста и благосостојбата на секој граѓанин на Филипините“, посочи претседателот, додавајќи дека секој кој не ја одобрува неговата политика може да поднесе тужба против него.

Според податоците од крајот на минатата година, целосно се вакцинирани 49,8 милиони луѓе или 45 отсто од вкупно 110 милиони жители на Филипините.

Бидејќи земјата бележи зголемен број случаи на инфекција со коронавирус, здравствените експерти предупредуваат дека е можно повторно да се создаде притисок врз здравствениот систем.

На Филипините, досега се потврдени 43 случаи на омикрон варијантата на коронавирус, што ја натера владата да ги заостри ограничувањата.

Share
Scroll to Top