Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес објави дека на следниот формален самит на Европската унија (ЕУ) во март, ќе го претстави акциониот план „Една Европа, еден пазар“, со детални рокови и цели за зајакнување и обединување на европската економија, додека во исто време оцени дека Европскиот систем за трговија со емисии (ETS) има јасни предности и механизми за контрола на цената на јаглеродот.
Според Јуроњуз, Фон дер Лајен на прес-конференцијата по самитот на лидерите на ЕУ изјави дека акциониот план содржи пет клучни области – административно поедноставување, единствен пазар, енергија, дигитализација и трговија.
Во март, комисијата ќе претстави детален план за понатамошен развој на единствениот пазар од 450 милиони потрошувачи, вклучително и унија на пазарот на капитал што би овозможила попродуктивно користење на околу 10 трилиони евра заштеди што моментално се наоѓаат на банкарски сметки, објави Ројтерс.
Зборувајќи за ETS, претседателката на ЕК нагласи дека системот има елементи што овозможуваат модулација на цената на јаглеродот во случај на негов прекумерен раст или неповолни економски околности, преку таканаречената „резерва за стабилност на пазарот“.
Додаде дека ЕУ детално ќе ги разгледа овие елементи во рамките на планираниот преглед на ETS, кој е закажан за третиот квартал од оваа година, за системот да остане ефикасен и прилагодлив на актуелните економски и климатски предизвици.
Европските лидери се состанаа денес на неформален самит во белгиската покраина Лимбург, а фокусот на разговорот беше конкурентноста на европската економија, пренесува Танјуг. Еден ден претходно, на индустрискиот самит во Антверпен, претставниците на европската индустрија ги презентираа своите приоритети пред највисоките претставници на ЕУ, барајќи пониски цени на енергијата, намалување на регулаторните оптоварувања и посилна конкурентност во споредба со Кина и Соединетите Американски Држави.
Текстот Фон дер Лајен го објави планот „Една Европа, еден пазар“ е превземен од МАКФАКС.






