По парламентарните избори одржани во Молдавија, на кои победи проевропската Партија за акција и солидарност (ПАС), претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес на својот профил на социјалните мрежи објави пофалби за европската посветеност на земјата.
„Молдавијо, повторно успеа. Ниеден обид за ширење страв или поделба не можеше да ја скрши вашата решителност. Јасно го изразивте вашиот избор: Европа. Демократија. Слобода. Нашите врати се отворени и ние ќе стоиме покрај вас на секој чекор. Иднината е твоја“, рече Фон дер Лајен во соопштението на Х.
На парламентарните избори во Молдавија, кои се одржаа во неделата, владејачката молдавска проевропска Партија за акција и солидарност (ПАС) освои 46 проценти од гласовите, објави Централната изборна комисија по пребројувањето на повеќе од 90 проценти од гласовите.
Прорускиот Патриотски блок доби 27 проценти поддршка од гласачите, беше потврдено од молдавската ЦИК, објави „Ројтерс“ претходно.
Еден од лидерите на опозицијата, Игор Додон, прогласи победа пред да почнат да пристигнуваат резултатите и повика на протести пред парламентот денес.
Централната изборна комисија претходно објави дека повеќе од 1,59 милион гласачи, или околу 51,9 процент од регистрираните гласачи, го дале својот глас, вклучувајќи 264.000 Молдавци на гласачките места во странство.
Фото: принтскрин
Текстот Фон дер Лајен: Молдавијо, повторно успеа, иднината е твоја е превземен од МАКФАКС.






