Хашим Тачи тврди дека е целосно невин и бара ослободување од Хаг, и другите тројца водачи на ОВК негираа вина

Хашим Тачи тврди дека е целосно невин и бара ослободување од Хаг, и другите тројца водачи на ОВК негираа вина

пред 5 часа

Четворица поранешни лидери на ОВК – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Сељими и Кадри Весели – на кои им се суди пред Специјализираните совети во Хаг за воени злосторства, денеска во своите завршни зборови пред судскиот совет се изјаснија за невини и тврдеа дека обвиненијата на обвинителството против нив не се основани.

„Речиси три години во оваа сала ги слушавте обвиненијата на обвинителството. Ја слушнавте и вистината. Постои само една вистина. Јас сум целосно невин“, изјави Хашим Тачи, додавајќи дека жали за сите жртви без разлика на националноста.

Според Тачи, единствениот противник на него и на ОВК бил режимот на Милошевиќ.

„Да не беа интервенциите на НАТО-силите, Косово никогаш немаше да биде слободно и независно“, рече Тачи.

Неговата одбрана наведе дека најголемиот грев на судењето е ако се ветува многу, а се исполнува малку, истакнувајќи дека обвинителството е виновно за тоа, бидејќи ветило многу, а не презентирало ништо.

Вториот обвинет, Кадри Весели, изјави дека неговото семејство и тој „постојано биле изложени на прогон од српската држава“, а дека се вратил на Косово затоа што „не можел да остане рамнодушен кон страдањето што неговиот народ го доживувал“.

Весели истакна дека неговите постапки биле хумани и дека неговата совест е чиста.

Поранешниот лидер на ОВК, Реџеп Сељими, во завршниот збор рече дека „Србија никогаш не ги криела своите намери кон Албанците“.

„ОВК не беше создадена од желба, туку од нужда. За мене е најголема чест да бидам соборец на Адем Јашари. Да, носев оружје. Оружјето за нас беше преживување. ОВК немаше друга цел освен слободата. ОВК беше ослободителна војска“, изјави Сељими.

Јакуп Красниќи изјави дека не смета оти обвиненијата против него претставуваат правда.

„Целиот свет знае дека НАТО интервенираше поради кривичните дела извршени врз косовските Албанци. Без таа меѓународна интервенција немаше да ја имаме нашата слобода, но таа немаше да биде остварена ниту без ОВК“, рече Красниќи.

Поранешните лидери на ОВК се соочуваат со обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Косово во периодот 1998–1999 година. Според обвинението, тие биле дел од „заеднички злосторнички потфат“.

Изнесувањето на завршните зборови во Хаг започна на 9 февруари. Главната обвинителка Ким Вест тогаш изјави дека сведочењата и доказите презентирани во текот на постапката потврдиле дека кривичните дела биле извршени и дека обвинетите се одговорни за нив. Таа побара Судот да ги прогласи обвинетите за виновни по сите 10 точки од обвинението и да им изрече единствени казни од по 45 години затвор.

Текстот Хашим Тачи тврди дека е целосно невин и бара ослободување од Хаг, и другите тројца водачи на ОВК негираа вина е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top