Додека некои луѓе на боледување едвај стигнуваат до продавница, еден Холанѓанец одлучи да истрча маратон. На неговиот работодавач тоа воопшто не му се допаднало, па го отпуштиле. Сепак, приказната доби неочекуван тек – судот пресуди во корист на работникот, а компанијата сега мора да му исплати околу 60.000 евра, пренесува RTL Nieuws.
Вработен во компанија за преработка на метали бил на боледување поради проблеми со колкот, но тоа не го спречило да учествува на Ротердамскиот маратон. Кога работодавачот дознал за неговиот спортски подвиг преку социјалните мрежи, одлучил веднаш да го отпушти. Компанијата сметала дека работникот сериозно ги прекршил своите обврски и ја изневерил нивната доверба. Сепак, тој не се согласил со одлуката и одлучил правдата да ја побара на суд.
Судот во Ротердам на крајот застанал на страната на работникот. Се испоставило дека лекарот по медицина на трудот, кој го следел неговото закрепнување, бил запознаен со неговите планови да истрча маратон. Покрај тоа, лекарот сметал дека физичката активност може да помогне во закрепнувањето и одобрил постепено зголемување на напорот.
Затоа, судот заклучил дека не постоеле оправдани причини за отпуштање и дека работодавачот постапил избрзано.
Иако работниот однос на крајот сепак бил прекинат, компанијата е должна да му исплати на работникот законска отпремнина, како и дополнителен надомест досуден од судот, што вкупно изнесува приближно 60.000 евра.
Текстот Холанѓанец на боледување истрча маратон и доби отказ, работодавачот сега мора да му исплати 60.000 евра е превземен од МАКФАКС.




