Хрватска ги запира преговорите на Црна Гора за пристапување кон ЕУ, откриени барањата на Загреб

Хрватска ги запира преговорите на Црна Гора за пристапување кон ЕУ, откриени барањата на Загреб

пред 2 часа

Хрватска не сака прашањето за разграничување на морето да го забави или одложи напредокот на Црна Гора на нејзиниот европски пат и е подготвена за тоа да разговара во подоцнежна фаза, сепак, Подгорица мора да ја потврди копнената граница во согласност со меѓународното право, изјави Андреја Метелко Згомбиќ, државна секретарка во Министерството за надворешни и европски работи, пренесува Индекс.хр.

„Не сакаме прашањето за разграничување на морето да го забави или одложи напредокот на Црна Гора на нејзиниот европски пат. Подготвени сме за тоа да разговараме подоцна, но, клучно е што сакаме да видиме дека Црна Гора ја потврдува поранешната републичка граница“, рече Метелко Згомбиќ по состанокот на министрите за европски прашања на земјите од ЕУ.

Вчера, главниот преговарач на Црна Гора, Бојан Божовиќ, испрати писмо до Метелко Згомбиќ во кое наведува дека, иако Подгорица не може да прифати еднострано утврдување на границата, таа е подготвена што поскоро да изготви договор за копнено и поморско разграничување.

Целиот полуостров Превлака, вклучувајќи го и ’ртот Оштро, административно ѝ припаѓал на Хрватска пред распадот на Југославија. Според заклучоците на Арбитражната комисија на Мировната конференција за поранешна Југославија, предводена од францускиот правник Робер Бадинтер, поранешните административни граници меѓу југословенските републики станале меѓународно признати државни граници, при што се применува меѓународноправниот принцип uti possidetis juris.

Метелко Згомбиќ истакна дека хрватските и црногорските експерти, како и катастарските служби на двете земји, потврдиле дека станува збор токму за таа републичка граница.

„Може да се каже дека потврдувањето на границата на поранешната република не е прашање на демаркација. Тоа е прашање на вредности; прашање е дали Црна Гора ги прифаќа принципите на меѓународното право и заклучоците на Бадинтеровата комисија. Сакам да верувам дека Црна Гора нема и не може да има проблем со потврдувањето на ова“, изјави Метелко Згомбиќ.

Црна Гора затвори уште две преговарачки поглавја: поглавјето 16 (Даноци) и поглавјето 22 (Регионална политика и координација на структурните инструменти). Ирското претседателство се обиде да го затвори и поглавјето 15 (Енергетика), но изостана согласноста од Хрватска.

„Наидовме на одредени тешкотии во врска со некои документи доставени од Црна Гора за ова поглавје, кои се во спротивност со привремената демаркација утврдена со протоколот од 2002 година. Според документите испратени од Подгорица, Црна Гора го одредува својот континентален гребен почнувајќи од надворешната граница на територијалното море на Хрватска. Ова не е во согласност со меѓународното право и со режимот воспоставен во 2002 година“, објасни Метелко Згомбиќ.

Привремениот протокол од 2002 година ја потврди хрватската јурисдикција над копнениот дел од полуостровот, истовремено воспоставувајќи привремен поморски режим – прашање кое сè уште чека трајно решение меѓу Хрватска и Црна Гора.

Текстот Хрватска ги запира преговорите на Црна Гора за пристапување кон ЕУ, откриени барањата на Загреб е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top