Цените на гас во Европа нагло паѓаат

Цените на гас во Европа нагло паѓаат

пред 6 часа

Цените на гас во Европа денес нагло паднаа откако Иран и САД објавија двонеделен прекин на огнот, сигнализирајќи целосно отворање на Ормутскиот теснец за транзит на енергетски пратки.

Мегават-час гас со рок за испорака во мај, утрово се тргуваше по 45,36 евра на референтната холандска дигитална берза TTF, што е речиси 15 проценти поевтино отколку на вчерашното затворање.

По нападот на САД и Израел врз Иран пред повеќе од пет недели, цената накратко се искачи на дури 74 евра за мегават-час, забележува новинската агенција dpa.

Пазарите денес реагираа на двонеделното примирје, при што Ормутскиот теснец целосно се отвори за превоз, во координација со Иран, според Техеран.

Договорот за прекин на огнот беше постигнат помалку од два часа пред рокот што го постави американскиот претседател Доналд Трамп за Техеран да го отвори теснецот, заканувајќи се со катастрофални напади врз цивилната инфраструктура.

Иран ја презеде контролата врз Ормутскиот теснец по нападот на САД и Израел на 28 февруари, забранувајќи го транзитот за бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници.

Владата во Техеран постојано нагласуваше дека водниот пат е затворен само за „непријатели“, додека бродовите од „пријателски“ земји, вклучувајќи ги Ирак, Кина, Индија и Пакистан, можат слободно да пловат, во координација со иранските власти.

Ормутскиот теснец е рутата низ која минува околу една петтина од светската нафта и течен природен гас.

Пазарите на гас беа особено потресени од иранскиот напад врз фабриката за втечнување на природен гас во катарскиот Рас Лафан, по израелскиот напад врз иранското гасно поле Јужен Парс. Иран го дели полето со Катар.

Извршниот директор на „Катар Енерџи“, Саад ал-Каби, изјави дека две од 14-те постројки за втечнување на природен гас во Рас Лафан, кои претставуваат 17 проценти од извозниот капацитет на Катар, се оштетени, додавајќи дека поправките ќе траат од три до пет години.

Во тој период, „Катар Енерџи“ нема да може да испорача 12,8 милиони тони гас годишно, процени тогаш извршниот директор на катарскиот гигант.

Катар произведува една петтина од светскиот течен природен гас и е на второ место на ранг-листата на водечки извозници, зад САД.

Порано оваа недела, два катарски танкери за течен природен гас се откажаа од минување низ теснецот бидејќи не добија дозвола од иранските власти. Ал Дајен и Рашида го презедоа течниот гас во Катар непосредно пред почетокот на војната кон крајот на февруари.

 

фото/Depositphotos

Текстот Цените на гас во Европа нагло паѓаат е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top