Во Црна Гора, околу 10.000 лица примиле вакцина на првиот ден од масовната имунизација, што е 1,5 процент од вкупното население, соопшти денеска Министерството за здравство.
Со тоа, како што пресметаа црногорските здравствени власти, Црна Гора постави рекорд во Европа по бројот на дози дадени за еден ден пропорционално на бројот на жители. Според достапните податоци, досега рекордер е Германија, која вакцинираше милион луѓе за еден ден, што е 1,2 проценти од нејзиното население.
„Ова е успех на целата земја, со акцент на граѓаните чија свест за важноста на вакцинацијата е за чиста десетка“, рече црногорската министерка за здравство Јелена Боровиниќ-Бојовиќ.
Масовната вакцинација на населението во Црна Гора започна во вторникот откако 200.000 вакцини на „Синофарм“ беа доставени од Кина за време на викендот.
Досега во Црна Гора се користеа руски и кинески вакцини, како и 24.000 вакцини на „Астразенека“, кои беа купени преку програмата Ковакс.