Шаленберг: 2021 година не смее да биде изгубена година за Балканот и за ЕУ

пред 4 години

Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за Русија и Западен Балкан на состанокот во понеделник во Брисел. На барање на Австрија и осум други членки на ЕУ, Западен Балкан ќе биде на дневен ред на состанокот на Советот на министри за надворешни работи.

Во однос на пристапот на тој регион кон ЕУ, 2020 година е изгубена година за целиот Западен Балкан, изјави шефот на австриската дипломатија, Александар Шаленберг.

Тој во изјавата посочи дека 2021 година не смее да биде уште една изгубена година, бидејќи штетата ќе биде поголема.

Ако ЕУ му сврти грб на Западен Балкан, некој друг ќе го пополни вакуумот, предупреди Шаленберг.

Кога станува збор за Русија, ќе се разгледаат состојбите во односите меѓу Унијата и Москва, како и натамошните активности на Брисел, рече тој.

Според најавите ќе се дискутира и за односите меѓу САД и ЕУ, па се планира обраќање на американскиот претставник за борба против климатските промени, Џон Кери, преку видео конференција.

Во вторник, министрите за европски прашања ќе разговараат за прашањето на таканаречените дигитални сертификати за коронавирусот.

Во рамките на ЕУ постои неединство околу прашањето за враќање на слободата на патување, без карантин.

Share
Scroll to Top