Шефот на грузискиот парламент: Грузија има непријатели во Европа

Шефот на грузискиот парламент: Грузија има непријатели во Европа

пред 4 часа

Претседателот на грузискиот парламент, Шалва Папуашвили, изјави дека во Европа постојат политички кругови кои, како што изјави, работат против развојот на Грузија и директно ѝ штетат на таа земја.

„За жал, имаме непријатели во Европа кои се против развојот на нашата земја. Тие директно сакаат да ѝ наштетат на нашата земја. Брисел мора да ја запре оваа непријателска политика, тоа е во нивна моќ“, изјави Папуашвили за новинарите, коментирајќи ја најавената дебата за резолуцијата во Советот на Европа.

Тој оцени дека Брисел презема непријателски чекори против земја која има статус на кандидат за членство во Европската унија и дека таквото однесување не е во согласност со обврските што ЕУ ги презеде кон грузискиот народ.

Според Папуашвили, таквата политика е и прекршување на Договорот за асоцијација што Грузија и Европската унија го потпишаа во 2014 година. Тој изјави дека Брисел е должен да ги почитува преземените обврски и да го прекине, како што рече, непријателскиот став кон грузискиот народ.

Односите на Тбилиси со Брисел и Вашингтон се влошија по усвојувањето на Законот за транспарентност на странското влијание во мај 2024 година. Грузиските власти тврдат дека законот е насочен кон транспарентност на финансирањето на невладините организации и медиумите, додека ЕУ и САД постојано бараат негово повлекување.

Владејачката партија „Грузиски сон – Демократска Грузија“ победи на парламентарните избори на 26 октомври 2024 година, а на крајот на ноември истата година објави дека ги прекинува разговорите за отворање преговори за пристапување со ЕУ до 2028 година и одбива буџетски грантови од Брисел. Во извештајот за проширувањето за 2025 година, Европската комисија изјави дека ја смета Грузија за „земја-кандидат само по име“, со оценка дека има назадување во демократските процеси,според написите во медиумите.

Текстот Шефот на грузискиот парламент: Грузија има непријатели во Европа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top