Јордан им забрани на сите медиуми и корисници на социјалните мрежи да објавуваат каква било содржина поврзана со принцот Хамза, откако тој беше обвинет за планирање дестабилизација на земјата.
Принцот Хамза, полубрат на кралот Абдула, доцна синоќа му вети верност на кралот по интервенцијата на кралското семејство, и тоа два дена откако армијата го предупреди за неговите постапки, кои, наводно, ги нарушувале безбедноста и стабилноста во Јордан, па токму затоа го ставиле во домашен притвор.
Со цел да се заштити тајноста на истрагата што ја презедоа безбедносните служби во врска со неговото височество принцот Хамза бин Хусеин и други, јавниот обвинител во Аман одлучи да забрани објавување на сè што е поврзано со истрагата во оваа фаза, соопшти државната новинска агенција.
Забраната се однесува на сите медиуми и на платформите на социјалните медиуми.
Јорданските власти во неделата изјавија дека принцот Хамза се поврзал со луѓе кои имале контакт со странски елементи, со цел да заговараат дестабилизација на Јордан, важен сојузник на САД.