Џими Картер денеска полни 97 години

пред 3 години

Поранешниот американски претседател Џими Картер денеска, тивко и без помпа, ќе го прослави својот 97-ми роденден, во својот дом во американската сојузна држава Џорџија.

Картер, најстариот меѓу американските претседатели, не планира да се појавува во јавноста, како што тоа не го правеше во претходниот период поради пандемијата на коронавирус и поради годините.

Во честитките упатени до него во пресрет на неговиот роденден, многумина се фокусираа на неговата работа по напуштањето на функцијата претседател на САД, како волонтирање, пишување книги и борба за правда.

Картер и неговата сопруга Росалин прославија 75 години брак во јули.

На поранешниот претседател му беше дијагностициран рак на кожата во 2015 година, кој се прошири на црниот дроб и мозокот, но по четиримесечна терапија, тој објави дека е излечен.

Тој, исто така, преживеа серија фрактури, вклучувајќи фрактура на карлицата во 2019 година, поради што се движи со помош на шетач, потсетува „Гласот на Америка“.

Картер ќе го прослави роденденот во тишина и затоа што неговата снаа Анет Дејвис Картер, која почина на 68-годишна возраст, ќе биде погребана во недела.

Share
Scroll to Top