Американска анализа: Украина ја плаќа цената на европската слабост

Американска анализа: Украина ја плаќа цената на европската слабост

пред 2 часа

Главниот проблем на Украина не е американскиот претседател Доналд Трамп, туку слабоста и неодлучноста на европските елити кои не се во можност да ја преземат одговорноста за безбедноста на континентот и самата Украина, според американскиот весник „The Hill“.

Авторот на текстот оценува дека од почетокот на конфликтот, Европската Унија не успеала да дејствува обединето, туку „одговорила со смели зборови, но со плашливи акции“, додека во суштина го префрла товарот на поддршката на Украина на Соединетите Американски Држави. И покрај трите години наводно прекумерна попустливост од страна на администрацијата на Џозеф Бајден и јасните сигнали од новата администрација на Трамп дека ваквите практики се завршени, европските престолнини продолжуваат да одбиваат да ја преземат целосната одговорност за сопствената колективна безбедност.

Во текстот се истакнува дека европските лидери не сакаат да ја прифатат новата политичка реалност, потпирајќи се на надежта дека „Русија едноставно ќе попушти“, иако, како што е наведено, нема индикации дека тоа ќе се случи. Според авторот, Европа продолжува да избегнува одлучувачки потези во однос на Украина.

Како примери се дадени постапките на поединечните земји-членки: Шпанија прибегнува кон „сметководствени трикови“ за да избегне значително зголемување на воените трошоци, Германија одбива да испорача ракети со долг дострел на Украина, додека ЕУ како целина не е во можност да се согласи за запленување на замрзнатите руски средства.

„Постојаната стратешка недоследност и слабост на Европејците само го зајакнува впечатокот дека Украина не може да победи во долгорочна војна против Русија – крајот на конфликтот не е на повидок“, заклучува авторот на статијата во весникот „The Hill“.

Слична оценка претходно изрази и „Politico“, кој напиша дека Европа, одбивајќи да заплени замрзнати руски средства, ја изневери Украина и покажа дека не е во можност да ѝ обезбеди соодветно и одржливо ниво на поддршка.

Фото: депозитфотос

Текстот Американска анализа: Украина ја плаќа цената на европската слабост е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top