Компанијата „Пацифик пауер“, која снабдува со електрична енергија повеќе од 800.000 корисници во делови од Орегон, Вашингтон и Калифорнија, ги повика граѓаните да се подготват за можни прекини на струјата што би можеле да траат и до 72 часа.
Предупредувањето следува по најавите за серија силни невремиња што би можеле да го погодат западниот дел на САД, со обилни врнежи, силни налети на ветер и опасни услови на море. Метеоролошкиот тим на компанијата внимателно го следи невремето, кое во текот на ноќта би можело да зафати делови од Орегон и Калифорнија.
Од компанијата соопштија дека екипите се подготвени да интервенираат доколку дојде до прекини во снабдувањето, но ги повикаа граѓаните да имаат план за вонредни ситуации и залихи за најмалку три дена.
На корисниците им се препорачува да ги проверат и ажурираат контакт-податоците, да се пријават за известувања за прекини на струјата преку СМС, електронска пошта или телефон, да ги наполнат мобилните телефони и другите уреди и да имаат подготвен комплет за итни случаи.
Компанијата ги повика граѓаните да ги следат информациите за дефектите и очекуваното време за повторно воспоставување на снабдувањето преку нејзината интернет-страница и мобилната апликација.
Посебно предупредување беше упатено за паднатите електрични кабли и други водови. Од „Пацифик пауер“ нагласија дека тие можат да бидат под напон дури и кога не искрат, па граѓаните не треба да им се приближуваат, ниту да дозволуваат домашните миленици да дојдат во нивна близина.
Текстот Американска електродистрибуција предупреди на можни прекини на струјата до 72 часа поради силно невреме е превземен од МАКФАКС.




