Американски авиони Ф-15 денеска слетаа во Полска, како дел од засилувањата на источното крило на НАТО, изјави полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак.
„Денеска американски ловци Ф-15 пристигнаа во воздухопловната база Ласк, тие ќе го поддржуваат источното крило во рамките на мисијата на воздушна полиција на НАТО“, напиша Блашчак на „Твитер“, а пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Полскиот министер за одбрана не прецизираше колку авиони Ф-15 слетале во базата, а во Полска веќе се распоредени нови американски и британски копнени трупи.
Се наведува дека и на Балтикот биле испратени американски авиони Ф-15, во време кога НАТО го зголемува своето воено присуство на источното крило поради тензиите меѓу Украина и Русија.
Британскиот премиер Борис Џонсон неодамна ја посети Полска за да изрази поддршка во време на растечката криза со Москва, а министерот за одбрана Бен Валас денеска изјави дека Лондон може да испрати дополнителни трупи за да им помогне на своите сојузници во источна Европа, доколку биде потребно, откако во понеделникот најави распоредување на 350 војници во Полска, наведе „Ројтерс“.