Америка ја повика ЕУ да се приклучи на 100-процентните царини на руската нафта

Америка ја повика ЕУ да се приклучи на 100-процентните царини на руската нафта

пред 6 часа

САД се надеваат дека нивните европски сојузници ќе им се придружат во воведувањето на таканаречените секундарни царини на Русија, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент во интервју за „Си-ен-би-си“.

„Руска нафта ќе биде подложна на секундарни царини до 100 отсто“, рече Бесент. „Ги повикувам нашите европски сојузници, кои досега само вербално се залагаа за остри мерки, да нè следат ако ги воведеме овие царини.“

Изјавите на Бесент уследија по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп пред неколку дена за воведување тешки царини кон Русија доколку не се постигне договор за завршување на војната во Украина во рок од 50 дена.

„Ние ги нарекуваме секундарни царини“, рече Трамп на заедничка прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Белата куќа. „Царини од околу 100 проценти.“

Секундарните царини претставуваат казнени мерки што се применуваат на држави или компании кои продолжуваат да тргуваат со санкционирана земја – им се наплатува дополнителен износ за пристап до американскиот пазар или финансискиот систем.

На пример, ако некоја трета земја како Кина продолжи да купува руска нафта, нејзиниот извоз во САД би можел да биде оптоварен со дополнителна царина од 100 проценти, што значително би ги зголемило цените за американските потрошувачи и дополнително би ги притискало кинеските извозници.

Трамп, кој во кампањата вети дека ќе постигне мировен договор во рок од 24 часа од преземањето на функцијата, е сѐ повеќе фрустриран од она што го опишува како руски одолговлекувања во мировните преговори.

Американската стратегија има за цел да ги намали приходите на Русија од извозот на нафта, кои изнесуваат околу една третина од државниот буџет и се клучен извор на финансирање на војната против Украина.

На трамповата закана од 15 јули реагираше портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, истакнувајќи дека таа е „сериозна“, но дека на Москва и треба време да ја анализира пораката од Вашингтон.

Текстот Америка ја повика ЕУ да се приклучи на 100-процентните царини на руската нафта е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top