Володомир Зеленски ќе мора да отпатува во Истанбул на мировни преговори, дури и ако Владимир Путин не се појави, според Џо Барнс, аналитичар на „Бритиш Телеграф“.
Според неговата анализа, украинскиот претседател и неговите европски сојузници инвестирале политички капитал во идејата да ги убедат Американците дека Русија не е сериозна во врска со прекинувањето на инвазијата. Барнс тврди дека ако Зеленски не се појави на разговорите сега, тоа би можело да ја оштети позицијата на Украина пред американското раководство.
„Украинците веруваат дека мора да му покажат на Трамп дека тие се единствените што се вистински посветени на мирот. Ако Зеленски се појави, а Путин не, тоа ќе биде клучно во очите на Трамп“, пишува Барнс.
Аналитичарот потсетува дека минатиот викенд во Киев беше голема дипломатска победа за Украина, кога европските лидери, вклучувајќи го новиот германски канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот и полскиот премиер Кир Стармер и Доналд Туск, се согласија со американскиот предлог за 30 дневно безусловно примирје како предуслов за мировни преговори.
Путин, смета Барнс, се обидел да го поткопа овој консензус со неочекуван предлог за мировен состанок во Турција, што го искористи американскиот претседател Доналд Трамп, барајќи Зеленски да се појави таму. Според аналитичарот, многу е веројатно дека Кремљ ќе го испрати министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во Истанбул за да создаде илузија дека Москва е исто така сериозна во врска со својата желба за мир.
„Но, всушност, овој гест е насочен кон Трамп – да создаде впечаток дека Киев всушност е пречка за примирје“, пишува Барнс. Во овој контекст, заклучува аналитичарот, физичкото присуство на Зеленски во Турција станува клучно, без оглед на тоа дали Путин ќе дојде или не.
Текстот Аналитичар: Зеленски мора да оди на преговори дури и ако Путин не дојде е превземен од МАКФАКС.