Англискиот вид коронавирус масовно се шири меѓу учениците во Италија

пред 3 години

За еден ден во Италија починале 391 лице од зараза со Ковид-19, а меѓу 292.500 тестирани, откриени се повеќе од 15.000 новозаразени лица, стои во соопштението од Министерството за здравство, пренесува агенцијата Анса.

Поради ширењето на заразата меѓу студентите и наставниот кадар во неколку региони, Умбрија, Тоскана и Абруцо, директната настава за учениците е прекината.

Првите вакви случаи на зараза се забележани во една општина во Милано во Ломбардија, каде што во едно училиште биле откриени 59 заразени ученици и наставници.

Забележано е дека учениците заболуваат повеќе од англиската варијанта на коронавирусот, иако според тврдењата на епидемиологот Масимо Гали, примариусот на миланската болница „Сако“, нема докази дека британскиот вид на вирус се пренесува побрзо кај младите.

Во вакуум меѓу владата во оставка и новата, која сè уште не е формирана, претседателите на италијанските региони одлучија да ја задржат во сила забраната за меѓурегионален сообраќај.

Таквата одлука на владата во оставка е на сила до 15 февруари, но се чини дека новата влада нема да биде формирана пред тој датум, за да може да ја продолжи или укине одлуката.

Здравствените експерти тврдат дека епидемиолошката состојба во Италија сè уште не е таква што сообраќајот меѓу регионите може да се отвори без ризик од ширење пандемија.

Share
Scroll to Top