Анкета: Германците сакаат да го укинат пиењето под надзор кај тинејџерите

Анкета: Германците сакаат да го укинат пиењето под надзор кај тинејџерите

пред 7 часа

Мнозинството Германци сакаат построги закони за заштита на младите од алкохол, вклучително и елиминација на контролираната консумација, што им овозможува на 14-годишниците да нарачаат пиво во бар ако се во придружба на законски старател, покажува анкета објавена денес.

Резултатите од анкетата на Форса, нарачана од компанијата за здравствено осигурување Kaufmännische Krankenkasse (KKH), покажуваат дека 65 проценти од Германците ја поддржуваат забраната за контролирана консумација на алкохол од страна на малолетници. Според сегашниот закон, на тинејџерите им е дозволено да купуваат и консумираат пиво, вино и пијалоци на база на вино на јавно место ако се во придружба на старател.

Тесно мнозинство од 52 проценти од испитаниците, исто така, сакаат да се зголеми законската возраст за купување и консумирање алкохол од 16 на 18 години. Анкетата, спроведена во јуни, опфати 1.004 испитаници од цела Германија на возраст меѓу 18 и 70 години.

Забраната за „контролирано“ пиење ја застапуваат и покраинските министри за здравство, а ја поддржува и федералната министерка за здравство Нина Варкен. Алкохолот е значаен проблем за децата и тинејџерите, изјави Катарина Шенк, министерка за здравство во источногерманската покраина Тирингија и претседателка на Конференцијата на министри за здравство.

Медицинските здруженија долго време апелираат до креаторите на здравствени политики да вложат поголеми напори за намалување на потрошувачката на алкохол во Германија. Германското здружение за исхрана препорачува целосно апстиненција од алкохолни пијалоци, наведувајќи дека „не постои безбедно ниво на потрошувачка“.

„Колку порано младите луѓе почнуваат да пијат, толку се поголеми здравствените ризици“, вели психологот на KKH, Франциска Клем.

Покрај краткорочните последици како што се несреќи, повреди и насилство, алкохолот го зголемува и ризикот од рак, кардиоваскуларни заболувања и заболувања на црниот дроб. Алкохолот е особено штетен за адолесцентите бидејќи нивните тела сè уште се во развој и затоа се почувствителни на неговите токсични ефекти, објавува агенцијата дпа.

Текстот Анкета: Германците сакаат да го укинат пиењето под надзор кај тинејџерите е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top